Прва страна
15 дена тест период, активирање веднаш!

Бесплатен домен од типот http://ime.wh.mk

Можност за месечно плаќање, цени веќе од
90 ден!

Можност за заработка со whost.mk

September 15th, 2009

После подолга пауза, еве ме пак со блог пост. Изгледа како на програмер ми е полесно да пишувам програмски код отколку да се изразувам преку пишан збор :-) .

Од септември 2009-та стартуваме со програмата за соработници на whost.mk. Вратите се отворени за сите, секој кој има каде да постави линк или банер до whost.mk може да заработи од 10 до 25 отсто од продажбата што ќе дојде преку тој линк. Направивме контролен панел за соработници преку кој секој регистриран соработник ќе може да креира линкови и/или купони за попуст и да прати во реално време кој дошол на whost.mk преку негов линк или се регистрирал користејќи негов купон.

Подолу можете да видите пример на банер со линк до whost.mk. Банерите ги има во неколку големини, Вие можете да изберете големина што најдобро ќе се вклопи во вашиот веб сајт.

Како за илустрација (но сепак целосно функционално) со кликнување на погорниот банер, добивате 5% попуст на официјалните цени. Тоа е така бидејќи во линкот е вметнат купон за попуст од 5% со име promo0909. Дали потенцијалниот купувач ќе дојде со клик на линкот или пак ќе дојде независно од него, но ќе го внесе кодот на купонот на соодветното место за купон за попуст, ќе добие 5% попуст и ќе биде евидентиран како Ваш клиент, со што Вие ќе заработувате од секоја негова идна уплата.

Да не се повторувам бесконечно, овде е подетално објаснето како функционира програмата. Доколку сте заинтересирани, слободно регистрирајте се и почнете со заработка веднаш. Заработените пари ги исплаќаме најкасно за 2 работни дена на вашата MoneyBookers e-маил адреса.

Отсега AWStats со секој Веб сајт

June 22nd, 2009

Да, ова го имав одамна на ум, во контролниот панел недостасуваше било каков приказ за посетеноста на одреден веб сајт (освен едноставен приказ на последни посети). Иако во денешно време има доста алатки за пратење на посетеноста на сајтот (Google Analytics, StatCounter, итн), сепак за подесување на овие алатки треба малку време, а AWStats во случајот ќе биде автоматски подесен за секој веб сајт што ќе го креирате.

Автоматска евиденција на платени сметки

April 13th, 2009

Ова морам да го кажам бидејќи ми беше битно да е се во ред, веќе неколку недели работи сервисот што проверува за нови трансакции на сметката на фирмата и автоматски ги бележи во базата како платени. Со ова ми падна голем товар од плеќите бидејќи се автоматизира целата работа. Кога си мала фирма (од еден вработен) не можеш да си дозволиш луксуз некој цело време да проверува кои сметки се платени, кои не. Плус целиот процес се автоматизира што посебно доаѓа до израз при нарачката на интернационални домени (.com, .net итн) што во светот одамна е нормална работа, но кај нас без неколку телефонски повици, не можеше ништо да се заврши. Да се надеваме дека работите ќе тргнат на подобро и кај нас.

Официјален почеток

March 5th, 2009

Како што се приметува од бројот на постови, немав многу време за блогирање претходните неколку недели, но затоа пак завршив доста работи на веб сајтот. И ете, не од први туку од петти март можам да кажам дека започнува со работа новиот специјализиран хост сервис за Windows платформата. Некои работи сеуште се тазе, некои не се готови, но мислам дека основата е солидна и ќе биде лесно да се надополни со нови можности во наредните недели и месеци.

Колку за илустрација, со контролниот панел можете:

- да креирате нови веб сајтови
- да креирате FTP корисници
- да креирате е-меил акаунти
- да креирате SQL Server 2008 бази
- да креирате mySQL бази
- основен преглед на последни посети, наскоро и подршка за awstats
- сами да регистрирате .com/.net/.org домен

Не е рамно со cPanel, ама па и не е лошо за почеток (според мене).

Нашиот платен промет и улогата на банките

February 4th, 2009

Ова ептен од лаичка перспектива. До сега за Linux хостингот што го нудев можеше да се плати само на годишно ниво, но бидејќи се спремам од март да нудам и Windows хостирање и планирам да може да се уплаќа за хостинг пакетите и месечно, веќе некое време размислувам како да го автоматизирам целиот процес на проверка на состојба на сметка и активирање на акаунтите. Би било навистина неефикасно ако некој треба секој ден да проверува на кого кога му истекува рокот за плаќање на месечно ниво. Бидејќи имам ебанкинг преку стопанска банка, кој и покрај некои ограничувања што ми сметаат (како известување на емаил за прилив) функционира прилично добро, логично е да размислувам во таа насока, да ги преземам изводите некако (има и xml формат) и со помош на некое мало програмче што ќе го напишам да се испарсираат сите рекорди и автоматски да се ажурира базата со инфрмации за пристигнати плаќања.

Прво разочарување беше кога сфатив дека ако се уплаќа во пошта на жиросметка во стопанска банка, изветувањето за приливот касни најмалку 24 часа, што во денешно време е многу. Не знам зашто е тоа така, но си помислив можеби ако отворам сметка во поштенска банка, и земам ебанкинг од таму ке оди побрзо. Но, бидејќи не успеав да ги добијам на телефон за да добијам одговор на ова прашање, се збоднав дури до поштенска банка во центар. Богами, за да влезеш таму има цела процедура. Обезбедување, ти даваат картичка што треба да ја покажеш на сензорот пред вратата за да влезеш, па те пречекуваат вработените уште од ходник… А јас така појдов, ни ја заверив копијата од централен регистар ни образецот заверен потпис кај нотар. Мислев, само да прашам, па после ќе се вратам… ауууу.

И добро, му ги покажав документите на службеникот, колку да видиме дали е тоа тоа, па да ги носам на нотар за заверка, и онака по пат си прашувам,

Дали известувањето за уплата во пошта на сметка на поштенска банка стига веднаш или има доцнење?

а службеникот ми вика (парафрзирано):

е-банкингот не работи, нема е-банкинг и не се знае кога ќе работи. Па така де, не ќе се лажеме!

Да. Добро што не платив за заверка на нотар. Зар да одам секој ден на шалтер да прашувам дали има прилив? нееее…

И така разочаран решив да побарам по интернет што нудат другите банки во врска со ебанкинг. Знам дека секогаш внимавав на известување по емаил, пошто ако форматот на емаилот е стандарден би можел исто да го автоматизирам процесот на обработка на известувањата за прилив. Имав видено веќе неколку веб сајта на банки и приметив дека ни комерцијална банка не нуди емаил. Ми текна на тутунска банка, проверив и пријатно се изненадив кога видов дека тие нудат и таква услуга. Но, ми се чини дека е поприлично солена. 5 денари емаил? Има и некои пакети кои не ги разбирам баш најдобро, но зарем наплаќаат по испратен емаил?

За сега не менувам ништо, останува само сметката во стопанска банка. Мислам дека ќе можам да напишам некое програмче што автоматски ќе проверува на одредено време дали има прилив, и еднаш дневно да презема извод.

Како да крстиш прв пост?

February 3rd, 2009

После толку многу прочитани блогови (и понекој напишан пост), сеуште сум скаран со насловите (па уште прв пост). Мислам дека не вреди повеќе да се замарам околу тоа, да кажам што имам да кажам додека не сум заборавил.

Планирам да почнам да пишувам за се и сешто, ама главна тема најверојатно ќе биде хостирањето под Windows и моите искуства поврзани со почнување на веб хостинг бизнис во Македонија. Верувам дека има многу отворени прашања за кои има уште простор за дискусија и се надевам дека ќе најдам време и сила (и воља) да истраам во оваа моја накана. Ќе видиме…

Само накратко сега за плановите, па ако биде се во ред сигурно ќе ги елаборирам тука на долго и на широко. Значи, што може да се очекува од “окорели” Windows програмер со некакво хостирачко искуство освен да ги измеша тие две работи? Ете, решив да спојам две задоволства во едно, почнав да пишувам контролен панел за хостирање под Windows. Знам дека делува лудо на прв поглед, меѓутоа јас наседнав на идејата и веќе се удрив на работа и очекувам во Март 2009 да ја имам првата (каква-таква) верзија.

Знам и дека многумина мислат дека хостирањето под Windows е прескапо за наши услови, но се надевам дека ќе ги разубедам. Пакетите што мислам да ги понудам не се сеуште комплетирани, но знам дека нема да бидат поскапи од Linux пакетите со соодветни перформанси што веќе се нудат во Македонија.

Па, за почеток е доста. Само се надевам дека нема да помине многу време додека да соберам сила за вториот пост :-)